На 14.11.2016 (понеделник), во рамките на 15 издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, во организација на Канцеларијата на Креативна Европа за потпрограмата МЕДИА, Агенцијата за филм на РМ и тренинг програмата Мидпоинт од Р. Чешка, ќе се одржи МЕДИА презентација и работилница за сценарио. Работилницата која ќе ја реализира Арне Колвајер, има за цел да ги открие сложените внатрешни емоции на ликот како една од најтешките задачи со кои се соочува еден филмски работник. Арне Колвајер зборува за потребата надворешно да се изрази внатрешното уште во фазата на пишување на сценариото и дава примери како да се искористат дејства и слики наместо дијалози, за да се прикаже што се случува внатре во еден лик.
Локација: МКЦ - НВО Инфо Центар
Програма:
- 11.00 – 11.30 – Презентација на потпрограмата МЕДИА на Креативна Европа
- 11.30 – 14.00 – Мастерклас на Арне Колвајер: „Oдбрани алатки за драматургија: Градење на внатрешниот живот на ликот”
Арне Колвајер е роден 1981 година во Волгаст, на островот Узедом во Балтичкото море, а пораснал во Берлин. Во 2008 година ги завршил студиите по филмска режија на ФАМУ во Прага. Претходно студирал фотографија во Грац, Австрија, литература во Франкфурт на Одра, Германија и теорија на филм на Универзитетот во Гетеборг, Шведска. Има дипломи од програмите: Таленти на Берлиналето, филмска лабораторија на фестивалот во Милано и летната академија на фестивалот во Локарно. Арне има снимено повеќе кратки филмови и има режирано за германските телевизии. Член е на Германското здружение на сценаристи (ВВД) од 2010 година. Во моментов живее и работи како независен сценарист, режисер, консултант за сценарија и професор на семинари во Берлин, каде што од 2011 година раководи со Станицата за сценарија (проектна лабораторија за сценаристи на програмата Таленти на Берлинале). Арне исто така е раководител за развој во продукциската куќа „42филм“ во Хале и е задолжен за меѓународни копродукции.