Creative Europe Media MK

За програмата

Нашата земја официјално пристапи во потпрограмата МЕДИА на Креативна Европа на 24 јули 2015 година. Канцеларијата на МЕДИА започна со работа од 1 Април 2016 година, во склоп на Агенцијата за филм, со цел да ги информира и да им дава поддршка на македонските филмски работници и други заинтересирани страни при изготвувањето на нивните апликации за конкурсите објавени од страна на оваа потпрограма.

Потпрограмата МЕДИА во склоп на програмата Креативна Европа е наменета за европската аудиовизуелна индустрија и овозможува поддршка на европските филмски работници за развој на нови филмски проекти, наоѓање на партнери и обраќање до поширока публика, надвор од националните граници. Со системот на МЕДИА за пружање на финансиска поддршка олеснето е кофинансирањето на филмовите на помалите продукциски компании, кои најчесто се сретнуваат со потешкотии при прoнаоѓањето на нови извори на финансирање. Потпрограмата МЕДИА, исто така поддржува развој и дистрибуција на околу илјада филма годишно, вклучувајќи ги играните и документарните филмови, телевизиски серии и нови медиски проекти.

Со оваа потпрограма се опфатени и кофинансирањето на работилници за професионално усовршување на младите, но и веќе афирмираните филмски работници, се поддржуваат новите технологии и платформи за дистрибуција на аудиовизуелни содржини. Поддршката на потпрограмата МЕДИА е пресуднат при правењето на првите чекори на новите филмски и аудиовизуелни компании. Со МЕДИА, во која учествуваат 33 земји, исто така се остварува и значаен допринос во поттикнувањето на културната разноликост и разбирање на другите култури, прекугранична соработка, пред се преку поддршката на стотина евроспски филмски фестивали.

Оваа потпрограмата исто така ги кофинансира активностие на широката мрежа на Дескови на Креативна Европа - МЕДИА, кои претставуваат советодавни тела за домашните филмски работници при подготвувањето на апликациите, односно како прв контакт при добивањето на разновидни дополнителни информации за самата потпрограма.

Цели на потпрограмата МЕДИА

  • Тежнеење кон посилен европски аудиовизуелен сектор, почитувајќи и прикажувајќи го европскиот културен идентитет и наследство
  • Зголемување на оптегот на европски аудиовизуелни дела во и вон Европската Унија
  • Зајакнување на конкурентноста на европскиот аудиовизуелен сектор, олеснувајќи го пристапот до финансирање и промовирајќи го користењето на дигиталните технологии

Програмата Креативна Европа (за периодот од 2014 до 2020 година), располага со средства во висина од 1.46 милијарди евра. Програмата ќе издвојува најмалку 56% од својот буџет за потпрограмата МЕДИА, што изнесува повеќе од 800 милиони евра.